Д-р Искра Петровска Шешова
Специјалист Дерматовенеролог
Дерматолошко Естетска Ординација Д-р Искра
Molluscum Contagiosum честа кожна болест која ја предизвикува вирус од групата на Poxi вируси.
Се работи за инфективно преносливо заболување. Се пренесува од човек на човек и тоа најчесто преку пешкири и облека. Во случај ако имаме мала микро траума на кожата, вирусот навлегува во кожата и се јавува вирусната промена. Можат да поминат и 7 – 8 недели од контактот со вирусот до појавата на вирусната промена.
Се јавува во форма на лесно црвено издигнување на кожата со тврд како бисер централен дел. Локализацијата може да е на било кој дел на телото во зависност каде бил контактот со инфективниот материјал.
Ова заболување најчесто се јавува кај деца посебно во предшколска возраст, особено при користење исти пешкири и играчки во детските градинки. Често знае да се јави и кај лица кои се со атопична кожа или екзем и кај лица кои се со имунодефициенција .
Дијагнозата најчесто е клиничка. Вирусната промена е црвена и цврста, лесно издигната над кожата со цетрален цврст прстен со врв на средина.
Тераписки можности
Киретажа – со кирета се отстранува вирусната промена.
Криотерапија – терапија со замрзнување на промената, но често е потребно и повторување на третманот за добивање добри резултати. Некогаш се потребни и повеќе месеци за излекување на пациентот.
Ласерска терапија која се применува кај лица со имунодефициенција и кај лица кои имаат проширени генерализирани промени и кај кои претходните тераписки можности не даваат добри резултати.
Топична терапија со трихлороцетна киселина.
Кај генерализирани форми може да се даде и антивирусна таблетарна терапија и препарати кои содржат Zn кои имаат јака регенеративна и антивирусна моќ.
Се работи за контагиозно (заразно) заболување кое мора да се лекува.
Од особена важност е да знаете дека кога посетувате вежбални, базени, соблекувални, внимавајте на вашата облека, каде ја ставате, и не користете пешкири од други лица или за јавна употреба. Лесно може да се заразите со ова вирусно заболување ако имате и мала раничка на вашата кожа, зашто вирусот лесно може да навлезе и да направи вирусна промена која потоа треба да ја лекувате.
Затоа од особена важност е превенцијата.