Трихолог д-р Елена Арсова
Бојата и здравје на ноктите се одраз на целокупното здравје. Здравите нокти се мазни, сјајни, без бразди, со нормална провидност и бледорозеви по боја. Ноктите стануваат жолти од повеќе причини.
Жолти нокти се карактеристични за габична инфекција или онихомикоза. Дерматофити и квасници се двата вида микроорганизми кои се одговорни за фунгалната инфекција на ноктите на стопалата. Тие се особено предиспонирани за габична инфекција, поради што се јавуваат често во обувки кои обезбедуваат темна, топла и влажна средина, идеална за развој на габичките. Освен бојата се менува и целата структура на ноктот.
Синдром на жолти нокти се манифестира со пожолтување и задебелување на ноктите како и сепарација од лежиштето на ноктот. Се сретнуваат кај личности со одредена медицинска состојба, како хронични синуси или бронхиектазии, реуматоиден артритис и состојби кои го афектираат имуниот систем.
Најголем дел од луѓето во средни години имаат синдром на жолти нокти. Дури и ако се истретира основната медицинска состојба ноктите остануваат жолти.
Честа причина за жолти нокти се и темните лакови за нокти. За да не се јави пожолтување, аплицирајте база пред да го нанесете лакот.
Ако забележите нагли промени во бојата, формата или структурата на ноктите, обратете се на докторите специјалисти за совет и информации.