Патникот на летот на превозникот „Рајанер“ кој речиси излета од авионот откако се скрши прозорецот на надморска височина од шест илјади метри, тврди дека компанијата му понудила само нов авионски билет како компензација. Љубиша Каровиќ, 61-годишник од Србија, ангажирал адвокат и бара сериозна компензација од ирската авиокомпанија, објави Телеграф.
Инцидентот се случи пред две недели на утрински лет од Грција до Германија. Каровиќ спиел кога прозорецот до неговото седиште експлодирал, а разликата во притисокот делумно го извлекла од авионот. Тој вели дека две недели по инцидентот, никој од „Рајанер“ не го контактирал лично.
„Добивме само е-пошта на име на мојот син, кој ги резервираше билетите. Прашаа дали сакаме нов лет и како сум. Но, никој од компанијата не ме контактираше директно, дури ни не ме повикаа за да покажат загриженост“, рече Каровиќ.
Од сигурна смрт го спасиле неговата сопруга Светлана и другите патници кои во паника му ги држеле нозете. Неговата сопруга тврди дека членовите на екипажот не направиле ништо додека се бореле за неговиот живот.
„Изгледаа поисплашени од нас. Само патниците помогнаа, беа храбри“, додаде таа.
Каровиќ претрпе тешки изгореници од триење и модринки на десната рака и градите во инцидентот на 10 јули. Сведоците од летот FR1879 од Солун до Меминген велат дека висел од авионот во дијагонална положба. Самиот Каровиќ не се сеќава на ништо бидејќи веднаш се онесвестил. „
Сето ова е како кошмар. Не можам да спијам. Штом ги затворам очите, слушам звук на експлозија и главата ми е во хаос“, раскажа тој.
По инцидентот и губењето на притисокот во кабината, пилотот го спуштил авионот на побезбедна надморска височина, а патниците и екипажот ставиле маски за кислород. Откако Каровиќ бил повлечен назад, тој бил преместен на друго седиште. Боингот 737 се вратил во Солун, каде што го пречекала брза помош.
Двојката сега ја застапува грчкиот адвокат Василис Цијарас, кој најави дека ќе бара значителна отштета.
„Мојот клиент се врати од работ на смртта и сакаме да се осигураме дека одговорните за ова ќе бидат повикани на одговорност. Не станува збор само за пари, туку за утврдување на вистината за тоа што се случило и за состојбата на авионот“, рече Цијарас.
Инцидентот го истражува Националниот одбор за безбедност во сообраќајот на САД (NTSB), кој веќе го проверил авионот. Се очекува нацрт-извештајот да биде објавен за околу 28 дена. „Рајанер“ соопшти дека нема да дава никакви изјави додека трае истрагата.
