Податоците покажуваат дека иако Европа е меѓу континентите со најдолг животен век, разликите меѓу европските земји остануваат значителни. Според статистичките податоци на Евростат, просечниот очекуван животен век во Европската Унија изнесува 81,4 години, што претставува продолжување на трендот на раст по намалувањето за време на пандемијата со ковид-19. Во однос на 2022 година, животниот век е зголемен за повеќе месеци, а во споредба со пред една деценија, Европејците денес живеат значително подолго.
На самиот врв на листата се наоѓа Шпанија, каде новородените имаат очекуван животен век од 84 години. Земјата со години е меѓу светските лидери во оваа категорија, што експертите го поврзуваат со медитеранската исхрана, активниот начин на живот и добро организираниот јавен здравствен систем.
Веднаш зад Шпанија е Италија со 83,5 години, додека Малта, Луксембург, Шведска и Норвешка делат речиси идентични резултати од 83,4 години. Во првите десет се и Франција (83,0 години), Ирска (82,9), Исланд (82,8) и Белгија (82,7 години).
Од друга страна, најниски вредности се регистрирани во дел од источна Европа. Латвија има најнизок очекуван животен век од 75,6 години, следуваат Бугарија со 75,8 години и Романија со 76,4 години. Тоа значи дека разликата меѓу земјата со најдолг и земјата со најкраток животен век во Европа достигнува речиси девет години.
Зошто некои Европејци живеат подолго?

Photo by richard hewat on Unsplash
Според Светската здравствена организација и бројни европски истражувања, долговечноста не зависи само од наследните карактеристики, туку е резултат на комбинација од повеќе фактори. Значајна улога има квалитетниот и достапен здравствен систем, кој овозможува навремена дијагноза и лекување, како и редовните превентивни прегледи што придонесуваат за рано откривање на болестите. Истовремено, здравата и разновидна исхрана, богата со овошје, зеленчук и маслиново масло, редовната физичка активност и пониското ниво на загадување се меѓу клучните предуслови за подолг и поздрав живот. На очекуваниот животен век влијаат и подобрите услови за работа, повисокиот животен стандард, како и силните социјални врски и доброто ментално здравје, кои сè почесто се препознаваат како важни фактори за квалитетно стареење.
Особено внимание привлекуваат таканаречените „сини зони“ – региони во светот каде што живее голем број стогодишници. Иако ниту една европска држава целосно не припаѓа на оваа категорија, принципите што ги практикуваат нивните жители – умерена исхрана, секојдневно движење, силни семејни врски и помалку стрес – се препознаваат и во земјите со најдолг животен век во Европа.
Жените и понатаму живеат подолго од мажите

Photo by Beth Macdonald on Unsplash
Во сите европски земји жените имаат подолг очекуван животен век од мажите. Просечно, разликата изнесува околу пет години, иако во некои држави е уште поголема. Причините се комплексни и вклучуваат биолошки фактори, но и различни животни навики, зачестеноста на пушење, консумирање алкохол, ризично однесување и навремено користење на здравствените услуги.
Европа старее
Покрај тоа што живеат подолго, Европејците имаат и сè помалку деца. Ова доведува до забрзано стареење на населението, што претставува еден од најголемите предизвици за европските здравствени и пензиски системи. Според европските демографски прогнози, до средината на векот лицата постари од 65 години ќе сочинуваат речиси една третина од населението во голем број држави. Токму затоа, експертите предупредуваат дека зголемувањето на животниот век само по себе не е доволно. Подеднакво важно е тие дополнителни години да бидат исполнети со добро здравје, активност и квалитетен живот.
Денешните податоци покажуваат дека Европа продолжува да живее подолго, но и дека условите во кои луѓето се раѓаат, работат и стареат сè уште имаат големо влијание врз тоа колку години ќе живеат. Разликата од речиси девет години меѓу европските земји е потсетник дека долговечноста не е само прашање на медицината, туку и на општествените политики, животната средина и животниот стил.
