Новинарката Александра Спировска се потсети на пејачката Ерзана Бериша, позната по хитот „Ноќна кралица“, и објави нивна заедничка фотографија направена пред точно 30 години, на нејзиниот 17. роденден.
Спировска откри дека со Ерзана заедно учеле во МБУЦ и се присети на периодот кога, како што вели, пејачката се соочувала со навреди и потценување.
„Дали ја паметите Ерзана? Ноќната кралица.
Заедно учевме во МБУЦ.
Ѝ велеа: ‘Не знаеш да пееш’. Беа љубоморни и злобни. Ја навредуваа по етничка основа (нормално).
А јас, само чекав секунда помеѓу часови и ѝ велев: ‘ПЕЈ!’. Уживав во секоја нота. Имаше распон на глас ко Витни.
Дел од глупердите сега кречат низ Германија. Дел се турбофолкери. А таа… беше и остана ѕвезда. Ја сакав и ја сакам.
Ова е на мојот 17-ти роденден, што значи точно пред 30 годиниии… аууу“, напиша Спировска.

Ерзана беше едно од препознатливите имиња на македонската поп-сцена во 1990-тите, а особена популарност стекна со песната „Ноќна кралица“. Со неа настапи на „Макфест“ во 1998 година и ја освои наградата за најдобра интерпретација.
Во нејзината дискографија е и албумот „Без зборови“, а публиката ја памети и по песните „Колекционер“, „На чекор од тебе“ и „Илузија“. На врвот на популарноста Ерзана се повлече од македонската музичка сцена и подоцна го продолжи животот во САД.
Ерзана Бериша се омажи за Аријан Превала и живее во Хартфорд, Конектикат.
Аријан е пилот и инструктор по летање. Во 2016 година стана познат во медиумите откако, како инструктор во мал авион, се обидел да спречи студент-пилот да го насочи авионот кон населена област и објект на „Прат и Витни“ во Мериден, Конектикат. Превала ја преживеал несреќата со повреди.
