Пакистанската полиција уапсила маж осомничен дека повеќе од десет години ја држел во заробеништво својата сопруга, француска државјанка, заедно со нивните пет деца. Според наводите што ги пренесува Би-би-си, жената тврдела дека семејството било изложено на секојдневно физичко и психичко насилство.
Случајот бил откриен откако еден од синовите успеал да побегне и да побара помош од полицијата. По неговата пријава, полицајците извршиле рација во куќа во Бари, оддалечен град во планинската покраина Хајбер Пахтунхва. Таму ги пронашле жената, Силви Јасмина, и нејзините пет деца во тесна и многу запуштена просторија, со видливи модринки по телото.
Јасмина и децата потоа биле префрлени во сигурна куќа за жени во Пешавар. Според полицијата, тие планираат да се вратат во Франција.
Педесет и четиригодишната жена изјавила дека нејзиниот сопруг практично го држел семејството затворено откако во 2014 година се преселиле во Пакистан од Австралија. Пакистанските власти не го објавиле идентитетот на сопругот, пакистански државјанин за кого навеле дека нелегално престојувал во Австралија кога се запознале.
Според исказот на жената, не ѝ било дозволено да се гледа со никого. Двете постари деца го прекинале школувањето, а трите помали, родени во Пакистан, никогаш не биле запишани на училиште. Двојката се венчала во 2003 година и живеела во Австралија до преселбата во Пакистан во 2014 година.
Во изјава за полицијата, Јасмина навела дека таа и децата биле лишени од слобода, дека сопругот не се грижел за нив како што треба и дека ги тепал. Таа кажала и дека чувствувала оти нејзината иднина е уништена, како и иднината на децата.
