Повеќечасовната заложничка драма во германскиот град Дортмунд заврши во раните утрински часови откако 51-годишен маж се предаде на полицијата.
Според германските медиуми, осомничениот претходно пукал во полицаец, а потоа се забарикадирал во куќа во населбата Хехстен со трите деца.
Драмата започнала синоќа кога полицијата добила повик за помош. Пристигнувајќи на адресата на улицата Витбројкер, полицајците пронашле маж кој, според информациите од истрагата, испукал истрел од пиштол од мал калибар кон еден од полицајците.
Проектилот го погодил заштитниот елек на полицаецот, па тој поминал со полесни повреди.
По пукањето, осомничениот избегал во куќата каде што се забарикадирал заедно со своите три ќерки, на возраст од седум, десет и дванаесет години. На терен веднаш биле испратени специјални единици, кои ја опколиле зградата во текот на ноќта со поддршка на оклопни возила и преговарачки тим.
Според германскиот весник „Билд“, станува збор за државјанин на Србија кој предизвикал немири во ресторан пред инцидентот, каде што наводно им се заканувал на гостите, мавтал со палка и користел спреј. После тоа, избегал од местото на настанот со автомобил.
По неколкучасовни преговори, за време на кои наводно бил во контакт со своите родители, мажот се предал на полицијата околу 3:30 часот наутро без да пружи никаков отпор. Децата биле неповредени и биле предадени на надлежните служби.
Германската полиција продолжува со истрагата за да ги утврди сите околности на овој случај, кој предизвика големо внимание од јавноста во текот на ноќта и доведе до обемна безбедносна операција во Дортмунд.
