Хезболах во текот на викендот изврши серија ракетни и беспилотни напади врз северниот дел на Израел, додека израелската армија најави можност за проширување на воените операции во Либан.
Жителите на повеќе населени места беа принудени да побараат засолниште откако десетици ракети и дронови беа лансирани од либанска територија. Според израелските медиуми, дел од проектилите паднале во близина на плажата во Нахарија, предизвикувајќи паника меѓу граѓаните.
Израелската армија соопшти дека дел од ракетите биле пресретнати од системите за противвоздушна одбрана, додека останатите паднале на ненаселени подрачја.
Хезболах го нападнал и градот Кармиел, што според израелските власти претставува еден од најдалечните удари од почетокот на примирјето пред еден месец.
Во текот на ноќта меѓу петокот и саботата биле истрелани меѓу 10 и 15 ракети, а нападите продолжиле и во текот на денот. Еден проектил директно погодил дел од Кирјат Шмона, додека останатите биле пресретнати од системот „Железна купола“.
Поради зголемените тензии, израелската армија соопшти дека се подготвува за можноста од интензивирање на нападите од Либан, особено по проширувањето на воените операции на либанска територија.
Иако засега нема промени во безбедносните насоки за цивилното население, властите ги повикаа граѓаните да останат внимателни и да ги почитуваат препораките на службите за заштита.
