Дваесет и деветте земји членки на Северно-атлантската Алијанса денеска во седиштето на организацијата ќе го потпишат протоколот за членството на Македонија во НАТО. На официјалната церемонија е поканет министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој ќе присуствува на свечениот чин на потпишување. Потпишувањето ќе се одвива на ниво на постојани дипломатски претставници на земјите членки.
Од денеска, Македонија ќе може да присуствува на сите клучни формати на Алијансата, но нема да има право на глас, ниту ќе може да учествува во најдоверливите и најчувствителните состаноци, сѐ додека не се стекне со потребното знаење и искуство.
Грција треба да биде првата земја што ќе го ратификува овој протокол. Парламентарната седница во Атина е закажана за в петок, 8 февруари, со што, симболично, Грција ќе и ја „отвори“ вратата за НАТО на Македонија, единаесет години откако ја блокираше во Букурешт.