Кумановската полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за злоупотреба на службената положба и овластување, против 44 годишен кумановец, референт за практична обука на затворениците, кој во затворот во кумановското село Кшање внел мобилен телефон кој сакал да го продаде на затворениците, соопшти денеска СВР Куманово.
Полицијата до ОЈО Куманово, поднесе кривична пријава против И.Б. од Куманово поради сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Во соопштението на СВР Куманово се наведува дека И. Б., вработен во затвор Куманово – отворено одделение Крива Паланка, лоциран во село Кшање, кумановско, одделението за стручно – инструкторски работи-Сектор за ресоцијализација, на работно место самостоен референт за практична обука на осудени лица од областа на дрво – преработувачка дејност со звање „самостоен референт“, со намера за себе или за друг да прибави противправна имотна корист, ја злоупотребил неговата службена должност и овластување и во просторија лоцирана во кругот на затворот со намера да го продаде на осудените лица во затворот за одреден паричен надоместок, внел и прикрил еден мобилен телефон.
Тој постапил спротивно на наредбата донесена од директорот на казнено поправната установа донесена на 21 август 2017 година.
Извор – Сител.мк