Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска,
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Бубрежната цистична болест е термин кој се користи за широк спектар на болести кои може да се вродени, да се јават со развојот или да се стекнати (аквирирани). Цисти се развиваат од делови на бубрежните каналчиња и откако ќе станат големи неколку милиметри најчесто се одвојуваат од првобитното каналче и формираат циста. Се јавуваат во кората (кортексот) на бубрегот, на кортикомедуларната спојка и/или во медулата зависно од основното заболување.
Кај возрасните најчесто се среќаваат Адултната полицистична бубрежна болест, Медуларен сунѓерест бубрег, Аквирираната цистична бубрежна болест и обични цисти.
Адултната полицистична бубрежна болест е генетска болест, се наследува, ризикот за појава кај зафатените фамилии е 50%. Бубрезите се многу големи со мноштво цисти исполнети со течност. Може да се јави крварење и инфекција во цистите или камен во бубрегот. Болните имаат и покачен крвен притисок. Со тек на годините, како цистите растат така се намалува функционалниот бубрежен паренхим што води до прогресивна бубрежна слабост. Може да се јават цисти и во црн дроб, панкреас, тестиси. Болните имаат склоност кон аневризми на крвните садови на мозокот, дивертикули на колон. Болеста се манифестира најчесто во четвртата деценија од животот со слабинска болка или крв во урината.
Медуларниот сунѓерест бубрег (МСБ) е конгенитална состојба која се јавува ретко. Се детектира ехосонографски или радиографски кај возрасни со нефролитијаза. Се гледа нефрокалциноза (мултипли дискретни калкули заглавени во бубрежните пирамиди). Болеста секогаш е обострана. Повеќето болни немаат симптоми. Симптоми може да се јават кај млади возрасниː хематурија (крв во урината), повторувачки инфекции на уринарните патишта, кај половина случаи се формираат каменчиња. Бубрежна слабост ретко се јавува. Болните треба да одржуваат над 2л. урина на ден. Важно е редовно следење со ехосонографија и анализа на урината за следење на камчиња и превенција на инфекции.
Аквирираната цистична бубрежна болест се одликува со развој на бројни цисти исполнети со течност кај особи кои немаат историја за вродена цистична болест. Точната причина не се знае, се сугерира дека развојот на цистите е секундарен на затнување на бубрежните каналчиња од околно фиброзно ткиво или оксалатни кристали. Може да се јават обострано. Во раните стадиуми не даваат симптоми, се откриваат случајно при ехосонографски преглед. Некогаш се откриваат дури кога веќе се јавила бубрежна слабост. Се наоѓаат кај болни со сите етиологии на хронична бубрежна болест. Честотата на јавување, бројот и големината на цистите пропорционално расте со времетраењето на дијализата. Со почеток на терапија со дијализа до 20% болни имаат аквирирани цисти, а по 10 години од дијализа дури 90% имаат цисти. Повеќето болни се асимптоматски, но симптомите може да вклучуваат макрохематурија, слабинска болка, бубрежна колика или палпабилна бубрежна маса. Многу ретко може да се развие бубрежен карцином. Како болеста напредува може да се дифузно дистрибуирани. Болеста е прогресивна сѐ додека болниот е на дијализа. Регредира по трансплантација на бубрег, но тогаш се зголемува ризикот за карцином.
Обични бубрежни цисти
Најчеста цистична промена која се јавува кај возрасни се “обични бубрежни цисти”. Многу се ретки во детството но се почести со возраста. Присутни се кај 5% од општата популација, а една третина лица постари од 50 години развиваат цисти на бубрезите. Цистите се големи од неколку милиметри до 10 цм и повеќе. Ретко влијаат на нормалното бубрежно ткиво и вообичаено не се причина за бубрежна слабост. Цистите се полни со бистра содржина, течност. Кога се исполнети со крвава течност тешко се разликуваат од бубрежен карцином. Вообичаено се клинички мирни, ретко крварат и ретко предизвикуваат болка.
Цистите се дијагностицираат ехосонографски. Најголема клиничка важност е да се диференцираат од карцином. Ако ехосонографскиот наод е под сомнение, потребна е компјутерска томографија.
Природната историја на цистите е бенигна но со тек на време може да дојде до бавно прогресивно зголемување и нивна промена што може да поттикне сомнеж за малигнитет.
Компликации на цистите се крварење во циста или цистата да се инфицира.
Нема специфчна медицинска терапија за самите бубрежни цисти. Нема ефективни мерки за превенција и промена на текот на болеста. Ако цистата е голема и создава нелагодност може да се аспирира течноста и цистата да се склерозира. Ако постои малигнитет потреба е хируршка интервенција.