Македонија во трилер завршница освои бод против Австрија (29:29) во првиот меч од Групата 2 на Светското првенство во ракомет.
Драмата во Вараждин кулминираше во последните секунди. Австрија постигна гол на четири секунди до крајот за 28:29, а по тајм-аутот на Кирил Лазаров, Филип Кузмановски од 12-13 метри испрати „торпедо“ кон австрскиот гол и го постави конечниот резултат.
Македонија ја предводеа Митев и Пешевски со по шест гола.
„Одличен натпревар, Австрија е искусен тим. Ни направија многу проблеми со играта „седум на шест“. На крајот имавме среќа, но среќата ги следи храбрите. Бод си е бод“, рече Митев по натпреварот.
Следниот натпревар во Групата 2, Македонија го игра в четврток против Катар.