Масар Омерагиќ е нов претседател на Фудбалската федерација на Македонија. На денешното собрание тој со акламација беше избран за прв човек на македонскиот фудбал.
Новиот претседател беше единствениот кандидат и на функцијата ќе го наследи Муамед Сејдини кој пет години беше на чело на Федерацијата, а по завршувањето на настапот на репрезентацијата во Лигата на нации тој си поднесе оставка, која на собранието беше едногласно прифатена.
Новиот претседател на функцијата стапува веднаш како први кадровски решенија ги промовираше поранешните легенди на македонскиот фудбал.
Горан Пандев е назначен за спортски директор на сите национални селекции, Илија Најдоски и Агим Ибраими ќе имаат ангажман како советници на претседателот, а Марјан Стојкоски ќе ја врши функцијата на потпретседател на Федерацијата.
Дрилог Ганиу е именуван за вд генерален секретар. Новото собрание би требало да се одржи на 26 април кога општински сојузи треба да одредат нови делегати и Собранието да влезе во нов четиригодишен циклус.
“Трпение, упорност и многу жртвувања! И јас сум еден од вас, човек од фудбалот. Знам како треба и знам во која насока треба да го развиваме фудбалот во Македонија. Фудбалот е тимска работа и поединец не може сам. Како и на теренот, треба многу трчање, многу работа, многу пот за да се стигне до победата. Таков е фудбалот во кој се паметат само победите и успесите, а таква е и претседателската работа во федерацијата. Заедно ќе се радуваме на успесите, заедно ќе тагуваме во поразите. Ова е спорт во кој нема денес за утре, ова е спорт кој бара напорна работа и многу добар тим за да се постигне целта”, најави Омерагиќ.