Градоначалникот на Бања Лука, Драшко Станивуковиќ, го критикуваше потегот на Милорад Додик, кој во Палатата на Републиката во Бања Лука проектира фотографија од новиот американски претседател Доналд Трамп со порака: „Република Српска честита“. Токму во таа зграда се наоѓа канцеларијата на Додик.
Претходно вчера во Бања Лука Додик организираше прослава во чест на победата на Трамп на претседателските избори и ги изрази своите очекувања дека новата администрација ќе ги укине санкциите. Инаку, токму вчера американското Министерство за финансии воведе дополнителни санкции со кои се казнува мрежа на компании и лица поврзани со Додик.
Сепак, Станивуковиќ не се израдувал што американското знаме било проектирано и на Палатата на правдата.
„Достоинството е многу драгоцена работа што никој не може да ви ја одземе, освен вие самите. Достоинството се одзема со вакви потези. На оние од кои преживеавме бомбардирање, кои нè ставија под санкции и на црни листи, денес им го креваме знамето на еден од симболите на Република Српска и тоа поради победата што сè уште не знаеме што ќе ни донесе.
Во ваквите потези нема ни достоинство ни државничка мудрост. За жал, постои едно Д – Дно на сервилност и понизност кое никогаш не било карактерот, ниту духот на нашиот народ. Му честитам на Доналд Трамп за победата, со верба дека и Америка и светот ќе бидат подобри, но додека јас го водам градот, нашата тробојка и симболите на градот ќе се виорат на зградата на градската управа“, напиша тој на Фејсбук