Патник во алкохолизирана состојба се обидел да упадне во пилотската кабина на авионот на компанијата „EasyJet“ на височина од 10.000 метри, тврдејќи дека пилотот бил „неук“ и дека може подобро да пилотира, но екипажот и патниците успеале да го совладаат.
Авионот, кој полетал од лондонскиот аеродром Гетвик кон грчкиот остров Кос, морал принудно да слета во Минхен, а инцидентот се случил во вторникот вечерта.
Патниците и персоналот кои се бореле со него го собориле на подот, а потоа добиле аплауз од преплашените патници, пишува весникот „Сан“.
При слетувањето во Минхен го пречекала германската полиција и го уапсила, а патниците ноќта ја поминале во хотели.
Еден од патниците изјавил дека персоналот на авионот се однесувал одлично, но дека „драмата била многу вознемирувачка“.
Од „EasyJet“ соопштиле дека ваквите инциденти се ретки и дека не толерираат несоодветно или заканувачко однесување.