Oткако ја освои титулата Мис Канзас, Алексис Смит одржа инспиративен говор и го прозва човекот кој ја злоставувал. Имено, водителот ја праша каква е нејзината визија како амбасадор доколку победи на изборот за Мис или за што би се залагала во иднина. Нејзиниот одговор беше инспиративен, бидејќи ја покажа реалната животна ситуација и не одржа празен говор како многу други кандидатки. Нејзиниот говор наиде на овации и поддршка од присутните.
Нејзината животна ситуација инспирираше многумина, а на социјалните мрежи почна да се шири видеото во кое таа го прозива човекот кој ја злоставувал.
„Мојата визија како следна Мис Канзас е да ги елиминирам нездравите и насилни врски. Всушност, некои од вас видоа дека бев многу емотивна затоа што мојот злоставувач е овде денеска. Но, тоа нема да ме спречи да бидам на оваа сцена и да се претставам како следната Мис Канзас. Мојата заедница и јас заслужуваме здрави односи“, рекла Алексис.
По храбриот говор, таа доби многу пофалби за нејзината искреност и храброст.
„Ти си и ќе бидеш инспирација за многу луѓе. Браво“; „Мило ми е што веќе не се плашиш и што на младите девојки им покажуваш како изгледа храбра жена“; „Аплаузи за неа, ѝ посакувам сè најдобро“, се само дел од коментарите.
Таа подоцна изјави за „КСН њус“ дека секоја жена во нејзиното семејство е жртва на семејно насилство.
„На 14 години влегов во првата врска, но тоа беше и насилна врска во која останав до 2018, 2019 година. Ова е нешто што и денес го доживувам и со кое се занимавам“, изјавила таа.
Таа призна дека не ѝ пречело да го види својот злоставувач во публиката, но вели дека ја вратила моќта.
Инаку, Алексис победи на натпреварот од 26 девојки, со што го заслужи своето место на националниот натпревар за Мис Америка што ќе се одржи во јануари.