Бенџи Грегори, актерот познат по улогата на момчето Брајан Танер во легендарната серија „Алф“, почина на 46-годишна возраст, пренесува „Мирор“.
Сестрата на Бенџи, Ребека, објави дека телото го пронашле во неговиот автомобил пред околу еден месец. Таа додала дека Грегори се борел со депресија, биполарно растројство и дека имал тешкотии со спиењето, што значи дека понекогаш останувал буден неколку дена по ред.
Иако причината за смртта сè уште не е откриена, блиски пријатели веруваат дека Бенџи починал од срцев удар, односно дека заспал во својот автомобил, што било фатално поради високите температури. Бенџи бил со своето куче Ханс, кое исто така починало.
Грегори глумеше во 101 епизода на серијата „Алф“ помеѓу 1986 и 1990 година. Иако по серијата ја продолжи својата актерска кариера, не доживеа преголема слава и во 2003 година реши да ја напушти забавната индустрија и да се приклучи на морнарицата.