Ненад Николиќ (42) од Баново поле, Република Србија, загинал пред две вечери во страшна сообраќајна несреќа што се случила на автопат во близина на Братислава, кога во него удрил камион со македонски регистарски таблички, јавуваат дел од српските медиуми. Српскиот државјанин починал на лице место.
Според првичните информации, до трагедијата дошло кога Ненад излегол од камионот за да му помогне на свој колега, кој бил камионџија.
– Ненад застанал кога виде дека на автопатот е паркиран камион со српски регистарски таблички. Застанал и му пришол на колегата мислејќи дека му е потребна помош за да ја смени гумата. Кога завршиле, тој се вратил да го земе триаголникот. Потоа, не се знае како, но зачекорил на автопат и во него удрил камион со македонски таблички, потврдил пријател на загинатиот Ненад.
Како што е објавено, се се случило набрзина, а сите што се нашле во овој момент на автопатот недалеку од Братислава биле изненадени од несреќата.
– Не можеле да го спасат, човекот починал на лице место и беше ужасно. Искрено сочувство до неговото семејство. Ова е голема трагедија, додал соговорникот.
Инаку, Ненад е разведен и има син од бракот. Пријателите велат дека семејството на починатиот било уништено од болка.
– Ни беше тешко кога требаше да ги известиме неговите. Нема полошо чувство, човек оди на пат и очекуваш да се врати, но го нема. Голема тага, истакнал пријателот на Ненад, пренесуваат српските медиуми.
Повеќе информации се очекуваат по истрагата на словачката полиција.