Директорката на болницата во Бањска Бистрица, Миријам Лапуникова изјави дека премиерот на Словачка, Роберт Фицо, врз кого вчера беше извршен атентат, има повеќе прострелни рани.
-Операцијата траеше пет часа, учествуваа две оперативни екипи. Пациентот има повеќе прострелни рани. Во моментов неговата состојба е стабилна, но многу сериозна, рече Лапуникова.
Според информациите, премиерот ќе остане на одделението за интензивна нега.
Министерот за одбрана Роберт Калинак изјави дека ситуацијата е многу сериозна.
-Лекарите успеаја да го стабилизираат и прават се за да биде подобар, но се уште е во многу тешка состојба, изјави Калинак.
Атентатот се случи пред Домот на културата во Хандлова, каде Фицо дојде да ги поздрави собраните граѓани по средбата со кабинетот. Во него од толпата пукал Јурај Ц., кој беше уапсен на лице место.
Поради сериозноста на повредите, Фицо со хеликоптер бил префрлен во Бањска Бистрица, каде му била извршена операција.