Зоран Михајлов
Станковски беше член на реепрезентацијата на Југославија која беше трета на младинскиот Светски шампионат во Италија во 1985 година.
-Тој настапуваше за најквалитетните македонски екипи,а по осамостојувањето на Македонија беше еден од првите ракометари кој се најде во репрезентативниот тим.
– Почеток на кариерата во Југ од Мичурин
Времето минува и многу работи се забораваат. Но она што ќе се постигне на спортски план на големите приредби вечно се памети. Таков е случајот со еден од најдобрите македонски ракометари на сите времиња Аце Станковски. Тој сега „плива“ во тренерските води, а можеби малкумина од оние момчиња што ги тренира и внесува во тајните на ракометниот спорт знаат дека токму тој, нивниот тренер, беше освојувач на бронзен медал на Светското младинско првенство во Италија во 1985 година.
– Тоа беше време за незаборав, период на кој ќе се сеќавам целиот живот. Бранејќи ги боите на поранешната држава, која на ракометен план беше вистинска светска велесила, со младинската репрезентација на Југославија ја имав таа среќа и чест да стигнам до бронзен медал на Светското првенство. Во првиот момент не бев свесен за каков резултат се работи, но колку што минуваше времето сѐ повеќе ја сфаќав вредноста на тој медал. Денеска, пак, тој медал уште повеќе ме „подгрева“ и едноставно не ми дозволува да се разделам од ракометниот спорт. Живеам со тие прекрасни мигови поминати во Италија и често во мислите се навраќам на тие мечеви. Да бидам искрен, жалам што не игравме во финалето. Бевме фаворити во полуфиналниот меч со тогашна Чехословачка, но кога очекуваш сигурна победа ќе се случи нешто и сите планови пропаѓаат. Сепак, можам да кажам дека и бронзениот медал за мене е со златен блесок, зашто мал е бројот на македонските спортисти што постигнале таков резултат во екипните спортови – вели Станковски.
СЀ ПОЧНА ВО УЧИЛИШНИОТ ТИМ
Како сите деца во 70-тите години од минатиот век, и Аце Станковски своите спортски активности ги почна во училиштето. Тогаш многу популарни беа Малите олимписки игри (МОИ), на кои учениците можеа да ги искажат своите способности во повеќе спортови. Аце Станковски, кој имаше афинитет кон ракометот, на МОИ беше во составот на екипата на училиштето „Кирил Пејчиновиќ“.
– Уште на тие натпревари како да беше определена мојата спортска судбина. Бев меѓу најдобрите играчи и стана јасно дека ракометот ќе биде мојот иден спорт, иако многу добро играв и фудбал и кошарка. На МОИ победувавме, а тоа уште повеќе ме охрабруваше да почнам сериозно да се занимавам со овој спорт. Потоа и во средното економско училиште „Борис Кидрич“ постигнувавме добри резултати, а јас редовно бев најдобар стрелец во екипата. Токму тие игри го привлекоа вниманието на големиот ракометен ентузијаст и тренер Душко Филиповски, па така, по негова препорака, уште на 14-15 години се најдов во сениорскиот тим на РК Југ, екипа за која навиваа сите во скопски Мичурин – вели Станковски.
Југ не само што беше симпатична екипа туку беше и квалитетна и се натпреваруваше во Македонската лига, во која секогаш беше тврд орев за сите противници. Иако тоа беше, како што велеа многумина маалска екипа, Југ во своите редови имаше играчи што заслужуваа респект. И сега се присетувам на бековската двојка Казиовски – Билимов и на голманот Дишлиев. Подоцна во клубот беа Зајков, Поповски, Стојановски, Мурџевски, Цекиќ, Канџовски, Домазетов, Кланчевски, а во еден момент меѓу нив се појави и едно голобрадо момче – Аце Станковски.
– Уште како дете ги гледав сите натпревари на Југ во Мичурин. Го засакав овој клуб и си помислив ако еден ден почнам активно да се занимавам со ракометот, тоа ќе биде токму тука, во Југ. Се случи и тоа, а што е интересно за мене, брзо бев прекомандуван во првата екипа. Бев изненаден, но и задоволен. Во сениорскиот тим дебитирав на 15 години. Од сите играчи бев прифатен, а и тие почувствуваа дека, иако најмлад, можам многу да придонесам во играта. Тоа ме охрабруваше и јас на 16 години полека станав првиот стрелец на Југ со по 7-8 гола на натпревар. Играв лево крило, позиција што ми овозможуваше по извршувањето на одбранбените задачи брзо да тргнам во противнапад. Противничките играчи тешко можеа да ме задржат и на тој начин постигнував многу голови. Со Југ на свој терен бевме непобедливи. Ретко која од екипите можеше да нѐ совлада. И атмосферата беше специфична, гледачите често доаѓаа до самата аут-линија, па имавме чувство како и тие да се на терен и ни помагаат на патот кон триумфот. Кога игравме дома, речиси редовно победувавме. Од сите тие настапи за Југ, се сеќавам колку сите во Мичурин беа среќни кога во куп-натпревар го совладавме Работнички, кој претставуваше синоним на македонскиот ракомет. На радоста ѝ немаше крај, тогаш почувствувавме дека и ние сме квалитетни и можеме рамноправно да се справиме со сите ривали, без оглед на нивното минато и рејтинг – се сеќава Станковски.
ЦЕЛА БИТОЛА НА БАРАЖ ВО БЕЛГРАД
Станковски со брзи чекори ја освојуваше ракометната сцена, па така стана интересен и за другите поквалитетни и поорганизирани клубови. Тогаш дојде и поканата од тренерот Лефтер Бошковски, па, за жал, на мичуринци, Станковски се најде во играчкиот состав на Вардар.
– Сметав дека тука ќе имам подобри услови за напредок, па затоа, иако со тешко срце, го напуштив Југ, му пристапив и заиграв за Вардар. Новата средина добро ја познавав и бев сигурен дека и во неа ќе се снајдам, а мојата форма ќе оди во нагорна линија. Тоа и се случи. Потпомогнат од постарите вардарови играчи, меѓу кои беа Чаволи, Ивановски и Лозановски, продолжив со моите добри игри. Од многубројните натпревари во дресот на Вардар, најмногу се сеќавам на еден дуел со лутиот противник Металург. Против градскиот ривал постигнав дури девет гола. Инаку, позицијата на лево крило и тука ми беше загарантирана, а што е уште поинтересно, на тоа место останав во текот на целиот мој ракометен век – продолжи Станковски.
Во моментите кога сите помислуваа дека Вардар во Станковски доби големо засилување, тој реши да замине во Битола и да заигра за Пелистер. Тоа беше периодот кога на кормилото на битолскиот тим дојде Анте Костелиќ, таткото на Јаница и Ивица, познатиот алпски скијачки тандем.
– Пелистер имаше големи амбиции и тоа беше она што ме привлече да одам во Битола. Со Костелиќ имавме пеколни тренинзи, но и добри резултати. Имавме победи над најсилните југословенски тимови, меѓу кои и над Металопластика. Се сеќавам, на мечот против шапчаните, од пет удари постигнав пет гола, и тоа против репрезентативниот голман Башиќ. Исто така, во незаборавно сеќавање ќе ми остане баражот за Првата лига против Партизан од Бјеловар. Тогаш тренер ни беше Касим Каменица, кој, исто како и Костелиќ, практикуваше жестоки тренинзи. Мечот со бјеловарчани се играше на неутрален терен на Бањица во Белград. Верувале или не, за тој натпревар, кој го добивме и обезбедивме место во елитата, од Битола пристигнаа 15 автобуси со наши навивачи. Можете да замислите каква еуфорија се создаде. Ние просто летавме по теренот и со помош на гледачите дојдовме до значајна победа. Кога и денес ќе се сетам на тие моменти, целиот се наежувам, како морници да ми минуваат низ телото. Не знам, со зборови не можам да ја опишам таа спортска возбуда, кога знаеш оти целиот град, цела Битола, па и цела Македонија во тие моменти е со твојот клуб. Такво нешто само еднаш доживеав. Верувајте, кога поминував низ шпалирот од навивачи, не можев од возбуда да ги препознаам ни моите пријатели. Тие подоцна ми рекоа дека ме удирале по рамо, посакувајќи ми победа, а јас на ништо не можев да се сетам – вели тој.
Тој Пелистер навистина беше силен и составен од играчи што оставија силен печат и во македонскиот ракомет. Покрај Станковски, тука беа уште Пепи Манасков, Боро Чурлевски, Драган Маринковиќ, Абдула Јусуфовски, Ванчо Јовановски, Миле Кочовски, Зоран Јаневски, Јовичиќ, имиња што многу значат за ракометот, не само за овие наши македонски туку, пошироко, и балкански простори.
Идната недела ќе читате за натамошниот тек на кариерата на Аце Станковски, во кој посебен акцент ќе биде даден на неговите репрезентативни настапи. Ќе се потсетиме и на тоа како „заплови“ во тренерските води.
Аце Станковски
Роден: во 1964 година во Скопје
Кариера: Југ, Вардар, Пелистер, Металург, Морнар (Црна Гора), Јафа Промет, младинска и сениорска репрезентација на Македонија и на поранешна Југославија
Успеси: Трето место на СП 1985 во Италија, два златни медала од Балканијадите во Бугарија во 1984 и во Југославија (Ваљево) во 1985 година, сребрен медал со сениорската репрезентација на Југославија на БШ во Романија