На авион од моделот Боинг 777-200 на американската авиокомпанија „Јунајтед ерлајнс“ му отпадна гума при полетување од аеродромот во Сан Франциско, поради што авионот, кој летал за Јапонија, морал да биде пренасочен кон Лос Анџелес, пренесе Еј-Би-Си њуз.
Авионот безбедно слета на меѓународниот аеродром во Лос Анџелес, соопшти Федералната управа за авијација на САД.
На видеото објавено на социјалните мрежи може да се види како авионот полетува, а веднаш по полетувањето му паѓа гумата и паѓа врз автомобил, паркиран покрај пистата. Никој не е повреден, но задниот дел од автомобилот е смачкан, како и жичената ограда до автомобилот. Друг автомобил во близина веројатно е оштетен.
„Ние сме им благодарни на нашите пилоти и кабинскиот екипаж за професионализмот што го покажаа во дадената ситуација. Исто така, се заблагодаруваме на нашите тимови на земја кои чекаа да го одвлечат авионот кога тој слета. Благодарност и до нашите тимови на аеродромот кои им помогнаа на патниците“, се наведува во соопштението на „Јунајтед ерлајнс“.
Авиокомпанијата соопшти дека ќе се договори со сопствениците на оштетените автомобили за да се надомести штетата.
Гумата беше една од 12-те на двата главни носачи на опремата за слетување на Боинг 777-200. „Авионот е дизајниран да слета безбедно дури и ако испадне гума, или ако се оштети“, велат од Јунајтед.
Во авионот имало 235 патници, десет членови на екипажот во кабината и четворица пилоти.
Авио-индустријата во САД во последните месеци се соочува со серија инциденти поврзани со неисправни авиони, кои предизвикаа дебата за безбедноста на тој вид на транспорт.