Поранешен борец на приватната воена компанија „Вагнер“, кој по грешка бил прогласен за загинат во акција додека се борел во Украина, го посетил сопствениот гроб во Русија, додека неговото семејство добивало пари за неговата „смрт“. Четириесет и четиригодишниот Сергеј К., поранешен затвореник од Бурјатија, една од републиките на руското етничко малцинство која граничи со Монголија, бил регрутиран во редовите на платениците и во април бил ранет на фронтот во Украина, јавува рускиот медиум „МК.ру“.
„Вагнер“ регрутираше десетици илјади поранешни затвореници уште додека беше предводен од покојниот шеф Евгениј Пригожин. Тој одигра важна улога во регрутирањето борци за руските операции во Украина, нудејќи им на машките затвореници намалени казни и парични поттици во замена за шест месеци воена служба.
Минатиот декември, Владимир Осечкин, руски активист за човекови права кој интервјуираше поранешни членови на „Вагнер“, изјави за Newsweek дека дури 30.000 затвореници биле регрутирани од затворите и распоредени во Украина. Во врска со овој случај, „МК.ру“ наведува дека семејството на Сергеј додека се лекувал во болница, погрешно било информирано дека тој е убиен во областа Луганск во Украина.
Судот ја поништи потврдата за смрт
Во неговиот дом било донесено тело, а на неговото семејство му била дадена потврда дека е починат. Адвокатот на Сергеј Андреј Кибирев тврди дека борецот на „Вагнер“ не контактирал со своите роднини додека бил во болница, објаснувајќи дека не сакал да ги „вознемири“. Во јули тој се јавил на една од неговите сестри, која „западнала во состојба на шок“, рече Кибирев.
Сестрата наводно му рекла на Сергеј дека го „закопале“ пред 40 дена. На неговото семејство му биле исплатени и речиси 6 милиони рубљи (околу 61.000 евра) како компензација за неговата „смрт“. Адвокатот рече дека Сергеј „се обидува да ја третира ситуацијата со хумор“.
„Неодамна го посети неговиот гроб, вели не очекувал толку добро да биде погребан“, додаде Кибирев.
На 19 октомври, потврдата за смртта на Сергеј била поништена откако Окружниот суд во Република Бурјатија разговарал со неговото семејство и утврдил дека неговите отпечатоци се совпаѓаат со оние што се зачувани во владината база на податоци.