Луѓето веруваат дека експертите за преживување кои се појавуваат на телевизија всушност не се доведуваат во опасност додека снимаат.
Дека е заблуда покажува и случајот со американскиот авантурист Форест Галанте кој за малку ќе ја загуби главата на Флорида и тоа пред камера.
Овој биолог и експерт за диви животни неодамна снимал промо во Еверглејдс, поточно длабоко во мочуриштето.
Додека стоел во водата, времето наеднаш се смрачи.
„Денот беше прекрасен, снимивме одличен материјал. Пред самиот крај времето се смени, почна да врне, но ние продолживме“, изјави Галанте.
На видеото се слуша заглушувачки гром, проследен со силен тресок и блесок од светлина!
Вознемирениот авантурист скокал од водата и рекол: „Го почувствував, ме удри. Тоа боли”.
Тој бил свртен со грб кога удрил гром, па видеото го видел дури подоцна, пренесува LadBible.
„Почувствував потрес, како да сум парализиран. Водата се однесуваше како суперпроводник. Ударот помина низ моите нозе, стомак, срце, до устата. Една секунда подоцна скокнав на брегот“.
Галанте имал голема среќа што го преживеа ударот на гром и сигурно ќе ја памети неговата посета на Еверглејдс.