Бразилската фитнес инфлуенсерка Адријана Дрика Тисен е пронајдена мртва во својот стан на само 49-годишна возраст. Таа се прослави откако ослабе речиси 45 килограми за една година, па своите искуства почна да ги споделува со своите следбеници на социјалните мрежи, пишува британски „Сан“.
Смртта на инфлуенсерката беше објавена на инстаграм-профилот на нејзиниот бренд за облека.
„Со длабока тага и жалење, нашиот тим на Блог да Дрика и Дрикас продавница ве известуваат за смртта на нашата драга Дрика. Во овој момент на болка, ве молиме за вашето сочувство и молитви“, напишаа тие.
Дрика се обиде да ги поттикне другите да водат здрав начин на живот. Нејзиното тело беше пронајдено пред три дена, а беше погребана на приватен погреб во Арагуаи, Бразил. Семејството на Адријана од Сао Паоло вели дека инфлуенсерката била злоставувана и дека барала љубов, но „добивала само трошки“.
„Долго време беше силна. Во секој случај, хејтерите направија премногу, па затоа во овој момент ги молам сите за сочувство, разбирање и емпатија“, напиша Аманда Лоренсо.
Адријана имаше 1,7 милиони следбеници на Фејсбук и имаше голема продавница за спортска облека наменета за луѓе кои носат поголеми броеви.
Дрика претходно призна дека од тинејџерските години се бори со вишокот килограми.
„Борбата ја почнав на 18 февруари 2013 година, имав дури 107 килограми, не бев бремена, ниту бев на баријатриска операција, бев невработена и во долгови кон банката.
„Пробав безброј диети и бев хроничен зависник од амфетамини цели 18 години, што ме доведе до депресија и алкохолизам“, рекла инфлуенсерката во видеото во кое им посакала добредојде на новите следбеници.