Високите цени на хрватското приморје ги разбеснија туристите кои предупредуваат дека никогаш повеќе нема да се вратат на Јадранот.
Велат дека сè поскапело – од сместување до топка сладолед и додаваат дека не сакаат да летуваат таму каде што ништо не можат да си купат, туку само „да гледаат“.
„Прескапо е и престануваме да летуваме во Хрватска“, изјавил Марио од Австрија, пренесува хрватски „Дневник“.
Тој вели дека му е жал затоа што ја сака Хрватска, но цените се искачиле до небо, па наредната година ќе пие коктел некаде на друго место. Мисли на Грција или Египет.
„Само стан, без ништо, околу 2.200 евра. Пред две години цената беше дупло помала за нешто слично“, се пожалил тој.
Не го израдувала ниту цената на помфрит на плажа. Вели дека мал помфрит чини колку пет килограми во продавница.
„Четири евра? Многу е скапо, во Австрија помфритот би го платил можеби две и пол евра“, додал Марио.
Вртоглаво се зголемиле и цените на останатите намирници.
Марија и Алекс од Германија платиле по седум евра за сладолед за двајцата. Конкретно за само две топки сладолед.
По таа цена за семејство со три деца сладоледот е надвор од буџет. Затоа што и доколку сите јадат по една топла сладолед веќе ќе направат сметка од десет и пол евра.
„Ние сме од Германија и таму се купува сладолед по евро и пол. А, тука можеме само да гледаме“, изјавила Татјана од Германија.
И, тоа не е сè, плескавиците чинат и по дваесет и две евра, палачинките шест, лигните осумнаесет, а килограм свежа риба е сто и десет евра.
Анамари во Хрватска исто така нема да се враќа поради прескапото сместување. Едно ноќевање во камп во Паг го платила дури 89 евра.
„Ова е толку прекрасна земја, но ние за жал не се враќаме тука. Имаме пријатели кои исто така имаат кампер и веќе им пишавме – не доаѓајте тука“, изјавила таа.
Инаку, во Хрватска моментално престојуваат 50.000 туристи, повеќе во оваа доба од годината за разлика од лани. Најмногу ги има во Ровињ, Пореч и Дубровник.