Дваесет и шестгодишната Алма Суљиќ, втората девојка која Армин Берберовиќ ја удри со автомобил на 26 мај кај Маријин Двор во Сараево почина синоќа во Клиничкиот центар на Универзитетот во Сараево.
„Со голема тага, раководството и вработените во „Здравствен дом“ Зеница упатуваат последни поздрави до нашата д-р Алма Суљиќ и нашето искрено сочувство до нејзиното семејство. Д-р Алма Суљиќ работеше во Службата за детска здравствена заштита и нејзиното предвремено и трагично заминување е голема загуба за Здравствениот дом Зеница и за нашите пациенти“, се вели во соопштението на Здравствениот дом Зеница.
Несреќата се случи во центарот на градот, а истрагата утврдила дека Берберовиќ возел со голема брзина и притоа изгубил контрола над возилото и излетал на тротоарот каде во тој момент се наоѓале трите девојки.
Берберовиќ е уапсен и сега е во притвор во очекување на обвинение и судење, а во изјавата во полиција ја призна вината за несреќата.
Настанот предизвика масовни протести во Сараево каде граѓаните побараа дополнителни безбедносни мерки за да се спречи брзо возење и трки со акробации. Од тогаш сообраќајната полиција во Сараево го засили следењето на патиштата во градското подрачје, особено на брзината на возилата.