На 17 јуни на грчкиот остров Лефкада 50-годишен маж од Романија се удави на плажата Катизма, откако бран го повлече во морето додека се фотографирал со сопругата на брегот.
Неговата сопруга се спаси, а од морето ја извлече Србинот Иван Мандиќ, кој се наоѓал во нивна близина и видел што се случува.
Иако грчките медиуми пишуваат дека парот правел селфи, тоа не е официјално потврдено.
„Морничава трагедија се случи на една од омилените плажи на Лефкада. Сликите од мажот чие тело не може да го извлечат од морето ја замрзнуваат крвта во жилите“, пишуваат грчките медиуми, кои ја пренесоа веста.
Тие го нарекоа Иван херој, бидејќи успеал да ја спаси жената од разбрануваното море. Но, за српските медиуми, тој вели дека не се чувствува како херој и дека има горчлив вкус во устата, бидејќи не можеле да му помогнат на мажот.
Иван, кој е од Крушевац, за Nova.rs, раскажа што се случувало во тие десетина минути на плажата.
„Со семејството бевме на Катизма во саботата (17 јуни), но капењето беше забрането поради силните бранови. Стоевме покрај брегот и се сликавме, бидејќи глетката беше величествена. Тоа го правеа и многу луѓе на плажата.
Во еден миг видов како бран фрли жена на песокот, а таа ја губи контролата над телото и почна да се врти во место. Го фрлив телефонот на лежалката, потрчав да ја спасам, а на сопругата ѝ реков да го викне спасувачот.
Брановите беа силни, не ми дозволуваа да стигнам до неа, па фатив некоја дијагонална поза и ги чекав ударите на брановите. Еден ја исфрли жената и тогаш успеав да ја фатам“, рекол Иван.
Тој раскажал дека драмата не завршила тука, бидејќи веќе следниот бран ги поклопил двајцата. Но, Иван не ја испуштал од раце, ја држел силно и некако успеале да излезат на брегот.
„Во тој момент го удрив колкот, го ‘одрав’ коленото и сфатив дека сме во плиткото, бидејќи изгубив ориентација под водата“, додал тој.
Во спасувањето му помогнале уште неколку Срби, но од спасителот на плажата немале голема помош, бидејќи според Ивана, тој бил уште млад и неискусен.
„Беше на 2-3 метра зад нас, но стоеше скаменет. Беше млад, па јасно ми е дека немаше искуство. Откако ја извлековме жената почна да зборува нешто, но не ја разбравме.
Дури потоа видовме дека нејзиниот сопруг лебди неколку метри зад нас.
Тој рекол и дека забележал како мажот престанал да се бори со брановите кога видел дека сопругата му е спасена.
„Како да му олесна, и главата само му падна во водата. Имавме некои 2 до 5 минути да го спасиме. Направивме синџир од луѓе, но силината на брановите не ни дозволи да му се приближиме.
По 10 минути дојдоа неколку спасувачи и еден успеа да доплива до него, но само даде знак дека мажот починал. Ниту тој, ниту другите спасувачи не успеаја да го извлечат телото од водата. Дури подоцна бран го исфрли телото надвор.
Сите ми велат дека треба да сум среќен што ја спасив жената, ама во мене остана тоа чувство дека можеби можевме да го спасиме и мажот“, рекол Иван.
Тој ја завршува својата приказна со порака до сите што ќе летуваат на Лефкада да внимаваат на брановите.
„Тие навистина изгледаат преубаво, ама се многу опасни. Не се лажете дека можете да пливате во брановите високи половина метар, струите се силни и влечат навнатре, не можете да ги контролирате“, ја завршил својата приказна Иван.