Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Зегин Интермедика
Плацебо, на латински “јас ќе угодам”, се однесува на “лажен” третман, “шеќерно апче”, инјекција со солена вода.
“Плацебо ефект” е кога особата реагира на плацебо, физичкото или менталното здравје на особата се подобрува по земање на “лажна” терапија.
Иако плацебото не содржи активна супстанца, може да има физички и психолошки ефекти.
Плацебо ефектот се активира од верувањето на особата дека го добива вистинскиот третман, верува во користта од третманот и очекува да се чувствува подобро. Се создава силна врска помеѓу мозокот и телото.
Плацебото не работи за секоја медицинска состојба, нема да го намали холестеролот, да го излечи ракот. Работи за состојби кои се дефинирани со симптоми модулирани од мозокот – замор, несоница поврзана со стрес, болка, главоболка, морска болест, гадење. Со плацебото ќе се чувствувате подобро, помалку ќе боли, но нема да излечи. Луѓето може да добијат плацебо одговор иако знаат дека земаат плацебо.
Не се знае зошто точно се јавува плацебо ефектот. Различни фактори допринесуваат за овој феномен:
– променета перцепција – интерпретацијата на симптомите се менува со очекувањето особата да се чувствува подобро
– очекување – очекувањето, она што веруваме дека ќе го доживееме, игра значајна улога во плацебо ефектот. Високо мотивирани особи кои очекуваат ефект од третманот имаат поголема веројатност да доживеат плацебо ефект.
– промена во однесувањето – плацебото ја зголемува мотивацијата особата да се грижи подобро за себе, преку позитивни интервенции сами по себе, и така да ги олесни симптомите. И вниманието и емоционалната поддршка што си ги дава особата помагаат да се чувствува поудобно.
– намалена анксиозност – земањето плацебо и очекувањето да се чувствуваме подобро смирува и го намалува нивото на хемикалиите на стресот (адреналин)
– хормонален одговор – плацебото може во мозокот да предизвика ослободување на природните “лекови” за болка, ендорфини.
За да функционира плацебото помага:
– ако особата очекува третманот да функционира, шансата за плацебо ефектот е поголема, работи моќта на сугестијата
– ако особата му верува на лекарот поголема е веројатноста плацебото да функционира. Ентузијазмот на лекарот што препишува третман влијае на тоа како пациентот реагира.
– ако таблетата изгледа реално поголема е веројатноста особата да верува дека е активен лек, поголема моќ имаат поголеми таблети и земање на 2 таблети отколку само една. Инјекциите имаат посилен плацебо ефект од таблетите.
Функционирањето на плацебото вклучува сложена невробиолошка реакција – зголемување на невротрансмитерите за добро чувство (ендорфини, допамин), емоционални реакции, поголема активност во регионите на мозокот поврзани со расположението, емоциите и регулација на стресот, намалување на симптомите на депресија, управувањето со болка, олеснување на симптомите на замор.
Ритуалот на лекување, одење на доктор, преглед, примена на третман, има влијание врз тоа како телото ги перцепира симптомите, затоа што добиваме грижа и внимание. Движечка сила е чинот на земање таблета. Ритуалот на земање лек има позитивно дејство, го стимулира мозокот да мисли дека телото се лекува.