Голем скандал се случил после убедливиот пораз на ракометната репрезентација на Македонија против Холандија (24-34) откако поранешниот македонски репрезентативец Ацо Јоноски, кој сега е асистент во стручниот штаб на селекторот Кирил Лазаров барал физичка пресметка со македонските навивачи кои се дел од „Фалангата“ која го бодри националниот тим во Краков – објави topsport.mk.
Еден од навивачите на Македонија откри дека Јоноски сакал да се тепа со нив, нервозен поради поразот и лут поради критиките што стручниот штаб и ракометарите ги добија после вториот пораз на Светското првенство.
Овие навивачи најавуваат бојкот на третиот меч против Аргентина кој треба да се одигра утре, а повикуваат тоа да го сторат и сите останати македонски фанови во Краков.
„Ацо Јоноски наместо да повикува на тепачка надвор од салата, да дојде јавно да се извини на мене и на уште еден навивач за критиката што не ја прифати по завршување на мечот. Ако сака да се тепаме, ќе се тепаме – тоа е најлесно решение. Очигледно најтешко во овие моменти е да дојдеш и да поразговараш со навивачите колку толку и да ги објасниш причините за поразот, па го избираш полесното решение. Од мене имате бојкот и свртен грб против Аргентина. Не заслужувате никаква искрена поддршка со ваквиот пристап на игра и со однесувањето на поединци кои се дел од стручниот штаб“, објави во коментар на Фејсбук навивачот кој се „закачил“ со Јоновски, а „тагнат“ е официјалниот профил на Ракометната федерација на Македонија.
Извор: topsport.mk