Сет на мерки со кои ќе се зголеми јавната, но и личната потрошувачка подготвува Владата, како дел од третиот пакет мерки за спас на македонската економија. Една од опциите е пари да добиваат и граѓаните за да ја зголемат личната потрошувачка која, според Народната банка, годинава значително ќе се намали.
Поради корона кризата и стравот од неизвеснота, граѓаните не ги трошат парите и ги купуваат само неопходните работи, а така се намалува побарувачката, но и производството.
ТВ 24 дознава дека се разгледуваат повеќе варијанти, а за оваа мерка се планираат околу 70 милиони евра. Социјалните случаи, невработените, младите, а посебно студентите да добијат еднократна парична помош, која според некои проценки може да стигне и до 10 илјади денари. Парите ќе треба да се потрошот во одредени категории. На пример студентите би добиле еднократна стипендија за да купат ИТ опрема. Секако за да не отидат парите и кај богатите, ќе има механизми за филтрирање според имотната состојба.
Покрај стимулацијата на приватната потрошувачка, предвиден е и раст на јавната потрошувачка преку форсирање на капиталните проекти, и тоа не само за оние чија изградба била планирана сега, туку и за оние што се планирале за подоцна.