Игор Спасов, баран и приведен во Софија во понеделникот, бил пронајден по сигнал за семејно насилство од жената кај која се криел, објави бугарската полиција.
Тој беше пронајден во стан во една од најгусто населените станбени области на Софија – Младост.
Спасов живеел во станот на жена со која имал интимна врска. Токму таа повикала полиција, со образложение дека Спасов се заканувал дека ќе ја претепа. При проверка на неговите документи, полициската патрола открила дека го бара Интерпол.
Тој беше приведен во понеделникот попладне и не се спротивстави на апсењето.
Полицијата соопшти дека Спасов живеел во Турција некое време пред да дојде во Бугарија. Не е прецизирано колку време македонскиот државјанин бил во станот во Софија.
Наскоро ќе започне постапка за негова екстрадиција во Македонија.
Бугарската полиција наведува дека Игор Спасов, кој беше порано полицаец, е осуден на 14 години затвор за убиство во Република Северна Македонија за смрт на учесник во митинг. Тој се наоѓа на меѓународната потерница од македонските власти од 2019 година.
Според бугарската полиција, Спасов бил ослободен од затвор од здравствени причини во 2019 година, откако беше осуден за смртта на 22-годишниот Мартин Нешкоски во 2011 година. Тој не се вратил на издржување на казната во рокот определен од македонскиот власти, по што беше распишана меѓународна потерница.