Град Скопје објави конкурс за избор на идејно решение за парк на местото на Универзална сала – објави порталот СДК. Откако Асоцијацијата на архитекти на Македонија предложи новата Универзална сала да се гради на нова локација, а на постојната да се направи парк, Град Скопје ја почна постапката за реализација на оваа идеја. Во конкурсот се бара на просторот покрај парк да биде предвидена и отворена летна сцена, со што на овој простор и во иднина ќе можат да се одржуваат концерти и други настани.
Во конкурсот стои дека дизјанот на предложените решенија треба да се одликува со функционалност и применливост, односно да се дизајнира простор кој во естетска смисла ќе стане препознатлив белег на градот, односно ќе го облагороди просторот и со своите содржини ќе ги привлече граѓаните активно да го користат.
Предложениот дизајн треба да одговори на потребите како на граѓаните од станбената населба која се наоѓа околу локалитетот така и на сите граѓани во Скопје, да ја зголеми вредноста на просторот и да се вклопи во околината. Пред сè потребно е просторот да биде корисен, функционален и одржлив, што би се остварило преку очекувани оригинални, креативни и иновативни идеи.
„Со цел да се задржи духот на местото и овој простор да продолжи да живее во колективната меморија, препорачуваме авторите во своите конкурсни трудови да направат дизјан кој ќе има елементи на реминесценција на постојната Универзалната сала или како опција дозволено е да се искористат делови од постоечката Универзална сала, како од надземните така и од подземните делови на објектот, со што би му се искажала почит кон стариот објект“, велат за СДК од Град Скопје.
Инаку, градоначалникот Шилегов вети стартување на процесот на изградба на Универзална сала веднаш по добивање на градоначалничкиот мандат уште во време на предизборието за локалните избори во октомври 2017.