Милијардерот Џорџ Сорос во четвртокот изјави дека поразот на Русија во Украина ќе резултира со распад на, како што вели, „руската империја“, што, според него, би било добредојдено за поранешните советски републики.
Сорос изјави дека САД ќе ја поддржат Украина, но дека претседателот Џо Бајден го предупредил украинскиот лидер Володимир Зеленски дека има граници и дека Трета светска војна мора да се избегне. Сорос не го откри изворот на информацијата.
Познатиот инвеститор и филантроп оцени дека руската армија има лоша команда и е недоволно опремена и деморализирана, но дека претседателот Владимир Путин се свртел кон платеничката група Вагнер за воено да ѝ се спротивстави на Украина и дека дава резултати за кратко време.
Тој исто така посочи дека Украина има шанса на пролет кога ќе го добие оружјето што ѝ го ветил Западот, пишува „Гласот на Америка“.
„ Земјите од поранешниот Советски Сојуз едвај чекаат Русите да бидат поразени во Украина, бидејќи сакаат да ја зацврстат својата независност“, додаде Сорос во текстот на говорот на безбедносната конференција во Минхен, што се одржа од неговата канцеларија.
„ Тоа значи дека украинската победа би резултирала со распад на Руската империја. Русија повеќе не би била закана за Европа и светот. Тоа би била голема промена на подобро – изјави Сорос.
По распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, беа формирани 15 независни републики, иако Русија сè уште е најмоќна и го има најголемиот нуклеарен арсенал во светот. Путин ја прикажува војната во Украина како егзистенцијална битка со агресивниот и арогантен Запад и предупредува дека Русија ќе ги искористи сите расположливи средства за да се одбрани себеси и своите граѓани од напад.
САД ги отфрлаат тврдењата на Кремљ дека сакаат да ја уништат Русија. Кога станува збор за Кина, Сорос изјави дека стратегијата на претседателот Шји Џинпинг за нулта толеранција за Ковид-19 ја разниша довербата во Комунистичката партија.
Сорос изјави дека Русија и Кина се водечки членки на групата „затворени општества“ во подем, каде поединецот е подреден на државата.