Работните групи на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ од денеска ќе го усогласуваат новиот Закон за јавно обвинителство, договориле на лидерската средба Заев и Мицкоски. Опозицијата бара Катица Јанева и нејзиниот тим да не се дел од СЈО.
„Новиот Закон за Јавното обвинителство го добивме во четвртокот и немавме многу време да се посветиме на супстанцата на Законот, но за ВМРО ДПМНЕ овој специјален обвинител го изгуби својот професионален кредибилитет за да ја добие нашата поддршка, вклучително и нејзиниот тим. Инаку принципиелно интегрирањето на СЈО во Јавното обвинителство може да го отвориме како тема, затоа што е дел од реформските закони, но правата и обврските на новото СЈО треба да бидат предмет на преговори“ рече претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски по средбата со Заев.
За разлика од Мицкоски, Заев очекува да се постигне консензус за Законот со кој се гарантира иднината на СЈО.
„Давам целосна поддршка на Јанева и нејзиниот тим кои беа искрата за правда во оваа држава . Може и мене некој не ми се допаѓа, но институциите мора да се почитуваат“ изјави Заев.