На грчкиот остров Санторини се поставени првите лежалки со заштитен плексиглас од двете страни за да се обезбеди подобра заштита за време на пандемијата на коронавирус. Покрај тоа, корисниците ќе имаат на располагање пешкири за еднократна употреба и средства за дезинфекција, како дел од нивната кабина од плексиглас.
Лежалките ги постави познатиот Чарли Чашин, сопственик на монденскиот хотел „Suites of Gods“ во Санторини, кој прв почна со поставување лежалки заштитени со плексиглас на плажата Периса.
„Видовме дека прават нешто слично во странство и затоа дојдовме до идеја тоа да го поставиме на Санторини, со цел нашите гости да се чувствуваат безбедно и сигурно додека престојуваат на плажа“, рече тој во интервјуто за „Прото тема“.
Чарли истакна дека лежалките ќе бидат поставени на растојание од 4 метри, а плексигласот треба да ги покрие само левата и десната страна.
Исто така, гостите во хотелот кои користат лежалки ќе имаат на располагање средства за дезинфекција и пешкири за еднократна употреба.