Советот за безбедност попладнево повторно ќе одржи седница кај претседателот Стево Пендаровски во „Вилата Водно“. Се очекува да се расправа за барањето на владата за ново, трето по ред, продолжување на вонредната состојба во земјава.
Министерот за здравство, Венко Филипче, вчера рече дека препораката е поради повеќе причини.
„Важно е прогласувањето на вонредната состојба бидејќи некои од мерките што ги препорачуваме важат само за време на вонредната состојба. Многу е важно тие да важат и понатаму. Важно е да имаме инструменти во рацете да работиме со овие механизми. Во однос на рестрикцијата на движењето, уредбите што важат и така натаму. Сè уште е важно да имаме инструменти со кои препораките на Комисијата за заразни болести практично може да се имплементираат преку Владата“, рече Филипче.
Некои неофицијални информации говорат дека вонредната состојба би се продолжила за уште две недели, а други, пак, калкулираат дека таа би можела да биде продолжена за три недели. Но, финалната одлука треба да биде кажана по завршување на Советот за безбедност.
А една од мерките во вонредна состојба е полицискиот час. Без вонредна состојба, практично не може да се воспостави полициски час. Владата ќе треба да се произнесе за тоа до кога ќе трае полицискиот час за време на викендов пред нас, односно дали тој продлжува да биде до 19 часот како и претходните сабота и недела. Се очекуваат и информации до кога ќе трае полицискиот час од почетокот на идната недела. Некои шпекулации одат во насока дека тој би можел да започне од 21 часот, но тоа засега останува во зоната на неофицијалните информации.
Инаку, Уставниот суд на вчерашната седница донесе решение за запирање на одлуката на посебниот режим за движење на младите до 18 и на граѓаните над 67 години. Со тоа, овие лица ќе можат да се движат како и останатите граѓани, од 05:00 до 19:00 часот. Досега повозрасните лица можеа да излегуваат само во периодот од 05:00 до 12 часот, а малолетниците од 13:00 до 19:00 часот.