Една од најпознатите туристички локации во Шпанија, Љорет де Мар како мерка за заштита од коронавирусот за време на летната сезона планира да ги подели плажите на три различни сектори, за три возрасни групи. Популарните плажи во овој град, Љорет и Феналс, ќе формираат еден дел за повозрасни туристи, еден за фамилии со деца и еден за возрасни без деца, како парови или групи пријатели. Делот за возрасни ќе биде за парови и самци и ќе има две патеки за да се олесни пристапот.
-Следејќи ги препораките на СЗО, целта на планот е Љорет де Мар да го направиме најбезбедна можна локација, што ќе биде целосно подготвена да прими туристи во текот на ова лето без притоа да има какви било импровизации – вели градоначалникот на Љорет де Мар, Хауме Дулсат.
Тој појаснува дека раното и интензивното планирање и спроведување на ваквите планови се прави за да се ублажи ударот на кризата. Според предвидувањата на експертите бројот на туристи што ќе ги посетат шпанските плажи може да биде намален и за 90 проценти.
Инаку, останатите туристичките места во Шпанија почнаа да креираат „коцки за сончање“, односно стриктно одредени места за сместување на туристите. Во некои од шпанските приморски региони ќе бидат одредени посебни зони за луѓе од различна возраст и фамилијарни делови.
Во секој од секторите ќе има одреден број места, одделени и означени со јажиња, коишто ќе бидат на растојание од 1,5 метар едно од друго. Притоа, туристите ќе мора да останат во одредениот простор од девет метри квадратни додека се на плажата. На неа ќе има две одвоени патеки, една за одење и играње игри, а другата за одење до тоалетите и до хотелите. Ќе има и специјално поставен пристап до морето, преку ленти широки шест метри.
Туристите нема да имаат можност да си резервираат некоја од одредените „коцки“.