По една година борба со тешката болест, фолк пејачот Блаже Богев почина вчера на 68-годишна возраст, во Скопје во геријатриски центар – објави Фокус.мк
Кавадарчанецот кој целиот свој живот и го посвети на музиката, и до последно веруваше дека повторно ќе застане на сцената, не се избори со тешката дијагноза – тумор на малиот мозок.
Неговиот син Роберто за ,,Фокус” ја потврди веста за неговата смрт. Вели дека семејството минува низ тежок период, но си спомнува дека и целата измината година им минала тешко, во надеж дека Блаже сепак ќе се спаси.
-Сите во Тиквешијата кои го знаат татко ми, ќе го спомнат како доста ведар човек, друштвен. Минатата година, додека бил на прошетка на чаршијата во Кавадарци, му се слошило, по што замина на лекарски преглед. Никој од нас не очекуваше таква дијагноза, тумор на малиот мозок. Тој изгледаше здраво, имаше нормален живот, веста ни дојде како шок. Започнаа прегледите, терапиите, не му беше лесно. Лекарската проценка беше дека операцијата би била премногу ризична, па замина во Белград на зрачење. Примаше разни лекарства, сакавме да веруваме дека се ќе биде во ред – раскажа Роберто.
Инаку, Блаже е татко на три деца, покрај Роберто има уште еден син и ќерка.