Курт Малпас од Тин, Стафордшир, Англија, го напуштил средното училиште на 16-годишна возраст и се зафатил со ѕидање. Курт стана сензација на TikTok кога почна да објавува видеа кои покажуваат како изгледа неговиот работен ден, а исто така се фали колку заработува.
Имено, иако нема ниту свидетелство од средно училиште, Курт дневно заработува до 800 фунти (околу 900 евра), а месечно и до 10.000 фунти или повеќе од 11.000 евра.
Признал дека не бил добар ученик, па решил да го напушти училиштето на 16 години. По стекнувањето на потребните квалификации се самовработил на 19 години. Истата година ја купил својата прва куќа, а сега живее во куќа со три спални соби од 110.000 фунти и вози Ауди S8 за кое потрошил 35.000 евра.
Курт се фали на TikTok дека заработува по една фунта по поставена тула, а неговите видеа собираат милиони прегледи.
„Јас сум доста паметен, но никогаш не ме интересираа предмети како француски и шпански и географија. А еднаш, кога имав 16 години, дури бев исфрлен од училиште поради лошо однесување“, признал тој.
„Кога почнав да градам, се заљубив во таа работа. Природно сум добар во тоа, едноставно ми „оди“. Првата куќа ја купив на 19 години! Ако сте подготвени да работите напорно и тешко, можеш да добиеш „смешна“ плата“, вели тој.
„Луѓето често мислат дека лажам кога дознаваат колку заработувам. Тие исто така мислат дека ние ѕидарите не сме многу паметни и дека сме преплатени за тоа што го работиме, но јас не би се согласил – ѕидањето е вештина и не е за сите“, објаснува тој.
Што се однесува до идните планови, Курт има намера да продолжи да работи напорно бидејќи сака да купи Ламборџини, а размислува и да почне да инвестира во недвижен имот.
„Ми се допаѓа тоа што го работам, на мојата работа гледам како на еден вид терапија. Не можам ни да замислам каде би бил без тулите“, признава тој.