Малиот штипјанец Дамјан Давков нема да ја добие заслужената парична награда откако победи на државниот натпревар по математика за средношколци, зошто не бил средношколец, односно оти прописите на Министерството за образование утврдиле дека детето е во осмолетка. Иако се натпреварува со средношколци и е најдобар министерството не прави остапка да го награди и да му даде парична награда.
Оваа неверојатна приказна ја споделува неговата тетка:
“МИ-ЗЕ-РИ-ЈА
Вонсериските таленти се добри функционерите да се сликаат со нив, но кога треба да им се доделат парични средства кои од буџетот се предвидени за нивните резултати, тогаш креативноста нема крај, па измислуваат нелогични и правно неиздржани толкувања за да им ги ускратат.
Денес, внук ми Дамјан Давков, по вторпат во рок од два месеци, за исто барање – парична награда за остварени резултати, но во два различни случаи (за освоената втора награда на Европскиот математички куп, сега и за првото место на државниот натпревар по математика за I година во 2019/2020), е одбиен од страна на МОН. Не, не станува збор за молба, туку за ПРАВО, вградено со законските акти на МОН.
За што конкретно се работи, ќе се обидам накратко да објаснам за вториот случај. Почнувајќи од своето четврто одделение, Дамјан се натпреварува математика во категоријата на ученици кои се 3 години постари од него. Тоа, исто како и секаде во светот, не е спорно ни кај нас, имало и порано такви ретки примери во Македонија. МОН, преку законите за основно и средно образование, предвидува еднократна парична награда за ученикот кој освоил прво место на државен натпревар од одреден предмет. Истото важи и за неговиот наставник. Минатата година тој беше шесто одделение, а беше државен првак по математика за девето одделение и немаше проблем да му се додели наградата – еднократна парична во износ не поголем од 50% од просечната нето плата. Но сега комисијата на МОН го одбива, со единствено образложение дека ученикот е од основно, а не средно образование (Дамјан како седмооделенец стана државен првак по математика за I година средно образование). Да се разбереме, никаде во членот 24-а став 12 од Законот за средно образование на кој се повикуваат (или на било кое друго место во законот), не пишува дека ученикот мора да е средно образование, станува збор за произволно толкување.
Секако дека ќе биде поднесена тужба до Управен суд, исто како и за претходниот случај, но со тоа ли треба да се занимаваат неговите родители. А каква ни е државата, многу веројатно ќе биде отфрлена (Управниот суд во најдобар случај ќе го врати предметот на истата таа комисија, не ја преиначува нејзината одлука). Второ, ќе ја искористам приликата да поставам неколку прашања. Зошто нема стипендии за талентирани основци, за разлика од средношколците? Зошто во Агенцијата за млади и спорт, на спортисти помлади од 15 години им одобруваат средства за врвни остварувања, но кога образованието, т.е. науката е во прашање, истото правило не важи? И трето, на ваквите таленти ли најде да штеди државата? Да е апсурдот поголем, наградата ќе си остане во буџетот, зашто по одбивањето на Дамјан, второрангираниот не може да ја добие (не е прв, не исполнува услови). За среќа, родителите на Дамјан може да си ги дозволат патувањата до Скопје за секој негов натпревар и евентуалните часови по математика (друг е проблемот што тој не може да добие персонализирани часови на тоа ниво). Но се работи за мотивација, ама очигледно МОН само декларативно ги поддржува талентите и науката.