Шест медицински лица, од кои четири сестри и двајца болничари од Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје се позитивни на КОВИД-19, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК д-р Христијан Костов, директор на болницата.
Едната сестра била ангажирана во КОВИД центарот кај најтешките пациенти, а останатите медицински лица се од другите одделенија каде се третираат суспектни случаи.
-Три месеци немавме ниту еден позитивен случај, но ете, се појави и кај нас. Верувам дека е донесен од надвор, знаете, имаме две банки во рамки на болницата, потоа семејни вечери, прослави и слично, вели директорот.
Костов вели дека болницата одредена од Министерството за здравство привремено да биде специјализирана КОВИД болница, практично целосно функционира како инфективна здравствена установа и тријажен центар за КОВИД за целата држава.
Шесте медицински лица имаат благи симптоми, кашлица и температура, а поради контактите на работа, во изолација се десет нивни колеги – сите медицински лица. Тестовите за коронавирус на десете изолирани се негативни, но не можат да доаѓаат на работа уште 9-10 денови, со оглед на тоа дека од пред 5-6 дена се во изолација.