Цените за изнајмување апартмани и куќи за одмор на хрватското јадранско крајбрежје се драстично пониски од лани, но побарувачката е сè уште скромна -пренесува порталот Индекс.хр.
Изнајмувањето на најевтиниот апартман на Јадранот во претсезоната минатата година чинело 40 евра, колку што чини изнајмувањето на најскапиот оваа година. Цените на апартманите во 2019 година во претсезоната и по сезоната се движеле од 40 до 100 евра, додека во сезоната биле од 60 до 200 евра. Годинава цените на апартманите во претсезоната се движат од 25 до 40 евра, додека во сезоната се меѓу 45 и 70 евра.
„Индекс“ наведува дека цела куќа со базен може да се изнајми за 114 евра на ден.
Иако цените се значително пониски од лани, претседателката на Здружението за семеен туризам, Мартина Нимац Калцина, вели за „Индекс“ дека изнајмувањето на приватно сместување засега оди многу лошо.
„Некои луѓе се потпираат главно на своите стари гости, на оние кои претходно резервирале и се во постојан контакт со нив. Но, има многу малку директни, нови резервации. И она што малку има претежно се однесува на изнајмување на цели куќи за одмор”, вели Нимац Калцина.
Таа смета дека сите останати ќе поминат многу лошо и дека прашање е колку гости воопшто ќе има.
„Зависи каква ќе биде ситуацијата кога границите целосно ќе се отворат. Сите се надеваат дека сезоната ќе почне, но реалноста е дека ситуацијата засега е многу лоша. Што се однесува до домашните гости, ним дефинитивно ќе треба да им се даваат попусти и пониски цени за изнајмување”, објаснува Нимац Калцина.