Стотици македонски граѓани по којзнае кој пат „наседнаа“ на лажните наградни игри на социјалните мрежи, овојпат „во надеж“ дека некој од нив ќе добие нов автомобил “шкода“- објави порталот ММС.
На Фејсбук на лажната фан-страница „Шкода Македонија“ се појави лажна објава од измамници кои од корисниците преку инструкции бараат да се пријават за да освојат автомобил, да ја лајкнат нивната страница и да напишат коментар „шкода“ и потоа да ја споделат објавата на својот ѕид и да чекаат во порака дали некој од нив е среќниот добитник на автомобилот.
За 48 часа околу 5.000 фанови ја проследиле групата, а околу 600 од нив земале “учество“ во наградната игра и во коментар напишале „шкода“. Една корисничка за да биде сигурна дека ќе има поголеми шанси да ја извлечат како добитник, напишала дури 25 коментари, а друга корисничка ги предупредува фановите дека се работи за лажна игра откако се пријавила на сајтот и испратила порака.
Од околу 550 фанови, само дваесетина од нив сфатиле дека ова е измама и се обиделе шеговито да ги предупредат другите, но очигледно дека некои се убедени дека можат да добијат автомобил на овој начин.
„Со среќа да им е на победниците, но овие изгледа се од Авганистан и ќе им треба добро возило за во Европа“, “Ајде да споделиме, може би добиле, ама не верувам досега не сум добила ништо“, „ШКОДА прекрасен автомобил со среќа да си го вози среќниот добитник“, “На кој добитници честитки, објавете ги нивните имиња и извлекувањето треба да биде во живо, поздрав“, стои во некои од коментарите.
Една корисничка беше убедена дека победникот е сигурно од Скопје, затоа што никогаш награди не добивале луѓето од селата, друг фан вели дека “возилата се паркирани во Свирипичино“, некој коментира дека не сака да чуе за „шкода“ и сака „мерцедес“, а некоја сака да му ја подарат за роденден.
„Ќе добиете од трите подолгото, абе гледате на слики само Азијати се каде има наши кои добиле кола или подарок? Објавете го со име и презиме и слика да ги видиме. Дечки не пишете и лајкувајте за џабе ова е само за повејќе лајкови да имаат нема ништо од награда барем да имаше а не вака со лага“, стои во еден последните коментари на фан-страната, но попусто кога и после него имаше стотици лајкови и коментари „шкода“.