Американската актерка Ен Хеч почина денеска, една недела откако беше тешко повредена во сообраќајна несреќа.
Веста ја потврди и нејзиното семејство, откако претходно најавија дека ќе ја симнат од апаратите за одржување.
Во петокот јавноста беше шокирана од веста дека Ен имала тешка сообраќајна несреќа кога со својот Mini Cooper удрила во гаражата на една куќа во населбата Мар Виста во Лос Анџелес.
„Возилото се движело со голема брзина, влегло во раскрсница и удрило во дом“, изјави портпаролот на полицијата во Лос Анџелес.
Автомобилот на актерката потоа се запалил, а Хеч во критична состојба била пренесена во болница со страшни изгореници, јавува CNN.
Многумина веруваа дека актерката ќе се подобри откако нејзиниот претставник објави дека е во стабилна состојба, но не долго потоа падна во кома.
Хеч зад себе остави два сина.