Сега веќе починат гинеколог во Холандија вештачки оплодил жени кои сметале дека донаторот е анонимен и со тоа станал биолошки татко на 17 деца, соопштила денеска болницата каде што работел.
Јан Вајлдшут работел од 1981 до 1993 година во болница во градот Цволе, на северот на Холандија.
Најмалку 17 деца биле зачнати преку практика на вештачко оплодување на гинекологот кој исто така имал свое семејство, соопштиле од болницата, кои ја оцениле неговата работа како „морално неприфатлива“.
Институцијата, која порано се викала болница Софија, не ја исклучи можноста Вајлдшут да е биолошки татко на повеќе деца.
Болницата, која дозна за тоа на крајот на 2019 година, одлучи јавно да ја претстави работата на гинекологот со согласност на неговото семејство и децата родени под негов надзор.
Случајот бил откриен случајно, кога едно од децата открило дека има слична ДНК како внукот на гинекологот, кој починал во 2009 година.
„Воопшто не се сомневавме дека тој може да биде донатор“, изјавил еден од родителите и додал дека гинекологот оставил пријателски и искрен впечаток.
Властите соопштиле дека нема да започнат истрага затоа што во времето на тие дела немало регулатива за третман на стерилитет.
Друга слична афера била откриена во Холандија минатата година. Со ДНК-тест е утврдено дека поранешниот директор на банка за сперма, е осомничен дека користел свои сперматозоиди наместо од донаторите и така станал биолошки татко на 49 деца.