Експертите велат дека влијанието на хартиените кеси врз животната средина е уште полошо од пластичните кеси. Прво, потребни се повеќе материјали за да се произведе издржлива хартиена кеса. Ова вклучува долги и хемиски третирани влакна, според експертите за одржливост. Покрај тоа, производството на целулоза, клеточна супстанца која им помага на растенијата да останат крути и исправени, троши многу енергија и вода.
Поради овие причини, вообичаената кеса за еднократна употреба направена од свежи хартиени влакна треба да се користи најмалку три пати почесто од пластичната кеса изработена врз база на нафта за да се балансира климатскиот отпечаток, велат експертите за животна средина. За жал, хартиените кеси речиси секогаш се направени од таканаречената “девствена пулпа”, хартија без рециклирана содржина. Само некои од нив се направени од рециклирана хартија.
Друг фактор што ја одредува одржливоста е дали хартиената кеса е навистина направена од хартија. Експертите велат дека многу производители сè уште користат амбалажа која има пластична или алуминиумска фолија залепена внатре за да спречи кинење на хартијата кога ќе дојде во контакт со влага. Овој другиот материјал може да го спречи печатеното мастило да влезе во храната.
Ваквата обработена хартија е проблем бидејќи е тешко да се рециклира. Германското федерално министерство за животна средина, исто така, ги оценува хартиените кеси како „не многу подобри од пластичните кеси за еднократна употреба“. Сепак, хартиените кеси се со поголема веројатност да се рециклираат и ретко завршуваат на дрвја или на улици како пластичните кеси, а ако завршат, хартиените влакна брзо гнијат и пократко се задржуваат по улиците и дрвјата.
Сè на сè, доколку сакате да користите хартиени кеси, задолжително користете ги неколку пати. Кога се споредуваат алтернативите, полиестерските мрежи за овошје и зеленчук за повеќекратна употреба се најдоа на врвот на скалата за одржливост.
Студијата од 2021 година направена за потребите на групата за заштита на природата NABU дошла до овој заклучок, со претпоставка дека овие мрежи ќе се користат најмалку 50 пати. Многу супермаркети ги нудат овие мрежи како потрајна алтернатива на кесите за еднократна употреба. Според студијата, рециклираните полиестерски мрежи се најдобри за животната средина. Памучните мрежи се на второ место, под претпоставка дека ќе се користат најмалку 100 пати.
Сепак, мора да бидете сигурни дека се направени од органски памук. Во спротивно, процесот на одгледување може да биде многу штетен за животната средина поради големата потрошувачка на вода. Озлогласените пластични кеси за еднократна употреба го заземаа третото место на скалата, а хартиените кеси на четвртото.