Еден милион патници превезол Швеѓанецот Томас Салме, кој цели 13 години работел како пилот со лажна дозвола.
Неговата приказна и денес се раскажува во воздухопловството. Бил копилот, потоа капетан и никој никогаш не се посомневал во неговите летечки способности.
Конечно, во 2010 година, холандските власти го уапсиле Салме, шведски „пилот“ кој 13 години управувал со патнички авиони користејќи лажна дозвола, соопшти тогаш полицијата.
По дојава од шведските власти, холандската полиција го привела на аеродромот Шипхол во Амстердам, додека се подготвувал да полета за Анкара со „Boeing 737“ со 101 патник, се вели во полициското соопштение.
Салме претходно поседувал дозвола само за управување со помали авиони, но и таа му истекла. Тогаш бил задржан во притвор.
Томас превезувал патници 13 години без пилотска дозвола. Ги измамил сите – авиокомпаниите, колегите, семејството и пријателите.
Без образование летал 10.000 часа
Швеѓанецот зборувал за медиумите, две години по апсењето на аеродромот Шипхол во Амстердам. Кога полицијата влегла во пилотската кабина, Салме морал да ја остави униформата и патниците зад себе – засекогаш.
Без никакво формално образование, Томас оставил 10.000 часови лет зад себе, превезувајќи 1 милион патници со околу 3.500 полетувања и слетувања, „благодарение на големата уста, лажниот сертификат и многу среќа и вештина“, како што вели тој.
Во некои наврати барал дополнителни информации, но Томас секогаш успевал да дојде до какво било објаснување, дриблинг и измама. И самиот бил изненаден што поминал.
Сертификатот го изработил самиот, а како што вели, било едноставно, немало печати, а хартијата не била ни ламинирана. Но, според Томас, тоа била „вистинската работа“.
„Сценариото според кое разговарав со надлежните беше различно, во зависност од тоа кој воздухопловен орган го издал. Летав како Бог!“, изјавил самоуверено Томас, смеејќи се.
Сонот за живот во воздухот започнал рано за Томас. Неговиот татко Хеики бил надарен фотограф аматер, а тој бил негов ученик. Тие често излегувале на аеродромот во Арланда за да фотографираат.
„Сакав сè во врска со воздухот. Татнежот на млазните мотори, мирисот на млазното гориво донесоа желба за откривање на светот и тогаш решив да станам пилот“, изјавил Томас.
Тој со помош на симулаторот на „Microsoft“ за летање рано ги научил правилата на цивилниот воздушен сообраќај и како да лета на оддалеченост од А до Б.