Од денеска граѓаните кои ќе бидат затекнати на отворен простор без да носат заштитна опрема односно маски, шал или марама ќе се казнуваат, соопшти министерот Венко Филипче на социјалната мрежа „Фејсбук“.
„Задолжителното е носење заштитна опрема (маска, марама или шал) на устата и носот, во сите јавни објекти како државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, јавен превоз, чекални, здравствени институции и слично.Носењето на заштитна опрема е задолжително и на отворени простори, секогаш кога не може да се одржува минимална дистанца од два метри меѓу граѓаните“, напиша Филипче.
Според Уредбата за носење на заштитна опрема која ја донесе Владата правните лица се задолжени сите вработените да носат заштитна опрема и да не дозволат влез и движење во службените простории на лица кои немаат заштитни маски.
Казната за граѓаните е 20 евра во денарска противвредност додека за правните субјекти казната изнесува две илјади евра.
Според одлуката на Владата заштитна опрема не е задолжителна за граѓаните кои престојуваат во двор од семејна куќа, возат велосипед или спортуваат на отворено, но со задолжително одржување на дистанца од два метри растојание, ако патуваат во моторно возило со лица кои заедно живеат, како и ако се наоѓаат на отворено каде може да одржуваат дистанца од два метри.