Клаудија Кардинале е една од најубавите жени кои се појавиле на филмските екрани некогаш, прекрасна ѕвезда на 60-те и 70-те години, која ги маѓепсала сите со својата убавина – и Холивуд и Италија.
Родена е на 15 април 1938 година како Клауди Џозефин Роуз Кардинале во мало место во Тунис. Со италијанско потекло, а во родното место се школувала за учителка.
Во 1957 година победила на натпреварот „Најубава Италијанка во Тунис“, а наградата била патување во Италија и тоа на Филмскиот фестивал во Венеција. Не ни очекувала дека тоа ќе ѝ го смени животот и ќе ја одведе во целосно друга насока.
Клаудија денес вели дека тоа било судбина поради тоа што на тоа патување ги освоила филмските режисери и на само 19 години го потпишала својот прв филмски договор. Од тој момент, нејзината кариера само се збогатувала.
Во годините кои следеле, ги снимала некои од најпознатите остварувања во историјата на филмот како „Роко и неговите браќа“, „Девојката со куферот“, „Леопард“, „Федерика Фелини“, поради што станала најпозната актерка во Италија.
Дури во 1963 година, 6 години по првиот филмски договор, убавата Клаудија го освоила вниманието на продуцентите на најголемите филмски могули во Америка и Велика Британија и тоа благодарение на комедијата „Пинк Пантер“.
По 5 години живот под блескавото светло на Холивуд на Клаудија ѝ пречело тоа што улогите се повторуваат и што повеќе нема ништо ново. Не сакала да стане клише, па се вратила на италијанската и француската сцена, каде освоила уште една во низа награди за најдобра актерка.
Траумата која засекогаш ѝ го сменила животот
Токму кога почнала да ја гради успешната филмска кариера, се случил еден од настаните којшто засекогаш ѝ го променил животот. Таа траума оставила голема трага и ја следела цел живот.
Имено, Клаудија ја силувал непознат Французин, а по трауматичното искуство, таа останала бремена. Не ни помислувала да абортира, но со оглед на тоа што градела кариера во Холивуд, ја советувале никако да не открива дека е бремена.
Нејзиниот ментор, Франко Кристалди ја испратил во Лондон во седмиот месец од бременоста кога повеќе не можела да се крие. Таа родила син на кој му го дала името Патрик, но старателството над него го зеле родителите на Клаудија, а Патрик до осмата година верувал дека Клаудија му е сестра.
„Тоа беа многу тешки месеци. Бев далеку од мојата татковина, се борев со туѓата култура и јазик кој не го разбирав многу добро. Бев катапултирана во светот на филмот, кој беше и спас и голема непозната истовремено. Кристали сфати дека сум бремена кога отидов да побарам раскин на договорот. Мојот однос со него во тој момент се зацврсти“, зборувала актерката своевремено.
Кристалди раководел со нејзината кариера и имал цврста контрола над нејзиниот живот; тој всушност ја направил Клаудија ѕвезда и ги влечел конците зад кулисите.
Меѓу Клаудија и Франко се родила љубов и се венчале во Атланта. Тој го прифатил нејзиниот син, а иако се чинело дека живеат складен живот, сепак се развеле во 1975 година. Актерката се заљубила во Паскал Сквитиери поради кој го напуштила сопругот. Со него била во брак сè до неговата смрт во 2017 година. Од бракот ја добиле ќерката Клаудија.
Сè до 2010 година Клаудија водела активен актерски живот кога одлучила малку да намали со улогите.
Во деветтата деценија од животот и натаму живее радосен, слободен и смел живот, како што вели таа самата.
Во 2017 година таа била заштитно лице на Меѓународниот филмски фестивал во Кан и во таа прилика рекла:
„Јас не сум ја разубавувала својата старост, ниту пак нешто сум правела против брчки. Се извинувам многу поради тоа“.
Денес таа има 85 години и е голем поборник за женските права. Исто така гордо ја носи титулата амбасадор на УНЕСКО за одбрана на женските права уште од март 2000 година.
Тоа што е особено интересно е тоа што Клаудија е една од ретките актерки која никогаш не се појавила гола во филм, а исто така никогаш не потпаднала под влијание на трендот својот изглед да го менува со помош на пластичната хирургија, па дури ни во зрелите години.
„Никогаш не сум била гола и никогаш не сум правела ништо да го сменам своето лице. Тоа не ми се допаѓа воопшто. Сакам да бидам тоа што сум затоа што никој не може да го запре времето“, изјавила таа.