Партискиот договор за одржување на предвремени парламентарни избори на 15 јули годинава, синоќа резултираше со прогласување нова вонредна состојба од страна на претседателот на државата Стево Пендаровски во траење од осум дена.
Следно што треба да се очекува е претседателот на Собранието Талат Џафери да потпише ново решение за одржување на изборите на 15 јули, што би можело да се случи уште денеска, а Државната изборна комисија потоа да донесе нов роковник за изборите.
Инаку, најголемите политички партии во земјата СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ по речиси двомесечни напори вчера постигнаа договор предвремените парламентарни избори да се одржат на 15 јули. Предвремените парламентарни избори требаше да се одржат на 12 април, но по прогласувањето на првата вонредна состојба поради кризата со коронавирусот во март, со владина Уредба изборните дејствија беа прекинати.